October 04, 2010

Грција во ООН манипулираше со аргументите

Кога за Атина и за Брисел е битно дека кај Грците е поголемиот дел од Македонија, а кај нас помалиот, кога тоа е клучниот аргумент што еден грчки министер како Друцас го изнесува и пред ООН, нам не ни останува ништо друго освен уште еднаш да видиме како Грците станале газди на тој поголем дел од регионот
„Македонија е широк географски регион, од кој најголемиот дел е во Грција. Помал дел е во ФИРОМ, а најмалиот во Бугарија. Еден дел не може да претставува цел регион и не може ФИРОМ да си дозволи да долева масло на национализмот. Кое било решение мора да биде универзално имплементирано, зашто во спротивно денешната ситуација би се повторила во иднина“.

Ова е дел од обраќањето на грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Друцас, искажано од говорницата на ООН. Овие зборови содржат еден од клучните аргументи на Грците за тоа зошто нé уценуваат дека не смееме државата да ја именуваме како Република Македонија - во грчки раце е 51 отсто од регионот Македонија. Плитка содржина, која веројатно целела на неинформираноста на поголемиот дел од членките на ООН за проблемот. Реално гледано, колку може една членка на ООН од Азија или од Африка, да биде длабински запознаена со суштината на спорот меѓу Грција и Македонија? И кога од грчкиот министер ќе се чуе ваква изјава, тогаш навистина испаѓа дека Република Македонија има за цел да узурпира нешто што и припаѓа на Грција, па оттука, нејзините уцени врз нашата држава имаат праведна основа. Тие се жртвата во овој случај, а ние крадците (за волја на вистината, зошто би се лутеле на странците, кога и во Македонија има такви што секојдневно настојуваат да ја уверат јавноста во таа приказна). Значи има некој регион на кој живеат и Македонци и Грци, а ние сакаме да се јавиме како претставници на целиот тој регион, иако кај нашите соседи, староседелци на тој простор, отсекогаш се наоѓале 51 отсто од него.

Се разбира, во говорот на Друцас нема забелешка за тоа дека е тотален аматеризам да се прави паралела меѓу една држава и еден регион и да се тврди дека имињата на регионот и државата можат да дојдат во судир. Неверојатно е дека овој, ни малку интелигентен аргумент, поминува во Брисел, но од друга страна, кога малку ќе се размисли, и не е толку неверојатно. Всушност, доволно е да се погледне и чуе некој како, на пример, Никола Саркози, и многу работи стануваат појасни. Но ете кога за Брисел е битно дека кај Грците е поголемиот дел од Македонија, а кај нас помалиот, кога тоа е клучниот аргумент што еден грчки министер како Друцас го изнесува и пред светската организација на народите, нам не ни останува ништо друго освен уште еднаш да видиме како Грците станале газди на тој поголем дел од регионот.

„Ја окупиравме Македонија“

А, сведоштва за тоа има и премногу. На пример, од 1913 година, кога Грците за прв пат во историјата стапнаа на тлото на најголемиот дел од градовите и селата во тие 51 отсто од регионот Македонија. Меѓу нив се и писмата на грчките војници, испратени до нивните роднини во текот на Втората балканска војна, а кои биле запленети и предадени на Карнегиевата комисија која имала задача да ги истражи злосторствата сторени во текот на таа војна.

Еден грчки наредник, чиј потпис е нечитлив, на 12 јули 1913 година до доктор Панаги Левенти напишал:
„Ги запаливме двете села, Дутли и Баница, родни места на страшни комити, и сé му предадовме на огнот, поштедувајќи ги само жените, децата, старците и црквите. Сето ова беше сторено без милост или сожалување, извршено со свирепо срце и уште посвирепа осуда“.

Наредникот Клетанис на 11 јули 1913 година, на брат му Јоани сакал да му се пофали:

„Драги брате Јоани. Овде живеат архикомити. Ние ги масакриравме сите. А местата низ кои поминавме, засекогаш ќе ми останат во сеќавање“.

Како што може да се забележи, во ова писмо Гркот зборува за луѓе што живеат во местата низ кои грчката војска минувала, а не за војници на непријателот. Значи, доволно било цивилите да бидат означени како комити, а потоа без грижа на совеста да бидат масакрирани.

Панагис Бегликис на брат му Сотир, на 15 јули 1913 година му се исповедал дека работите што се случуваат се такви какви што немало од деновите на Исус Христос. „Не е можно да се опише што се случува“, вели Панагис.
На 12 јули 1913 година, капларот Георгиос запишал дека секаде каде што минуваме дури и мачките нé избегнуваат. Какво е тогаш тоа ослободување на Македонија која, нели, отсекогаш била грчка, кога и мачките бегаат од ослободителите?

Нико Теофилатос исто така е доста конкретен за тоа како Грција дошла до поголемиот дел од Македонија: „Ми беа дадени 16 заробеници да ги одведам во дивизијата, а јас пристигнав само со двајца. Другите беа убиени во темнината, масакрирани од мене“.

Капларот Георгиос Коркоци на 11 јули 1913 година напишал една реченица која на Друцас сигурно не би му се допаднала: „Ја окупиравме цела Македонија, освен Тракија“.

Според истражувањето на комисијата, при таа окупација, „бројот на куќи изгорени од Грците во Втората војна не може да биде помал од 16.000“. Според стандардите што тогаш некои статистичари ги применувале, за куќите на македонските семејства се претпоставувало дека имаат барем по шест жители, што упатува на тоа дека биле запалени домовите на околу 100.000 луѓе.

„Грчките војници го ослободија првиот македонски град, како што пред тоа ги ослободија и другите покраини кои порано беа турски, но отсекогаш грчки и населението кое до вчера беше под турско ропство, може сега слободно да го дише воздухот на слободата“, пишува грчки „Емброс“ во октомври 1912 година, по повод предавањето на Солун од турската војска на Грците. Тоа што при тоа „ослободување“ Грците имале потреба без куќи да остават 100.000 луѓе, можеби и не е толку битно.


Луѓето како овци


И навистина, куќите биле помал проблем. Злосторствата врз луѓето што живееле во Македонија која „отсекогаш била грчка“, се нешто сосема друго. На пример, во Серес била заробена една девојка, а потоа убиена со уште шестмина. „Им ги извадивме очите додека беа живи“, запишал грчкиот војник Кости. За масакрот во Серес, комисијата забележала дека затворениците што преживеале имале рани какви што нанесува месар кога се обидува да коле луѓе, на начин како што би колел овца.

Анастасија Павлова, вдовица од Гевгелија, сведочела за злосторството извршено врз неа: „Војниците дојдоа во собата, ме тепаа со кундаците од пушките и паднав. ‘Сега‘ рекоа тие, ‘ ти им припаѓаш на Грците, твојата куќа и сé во неа’. Потоа дојдоа шеснаесетмина војници, ја бараа ќерка ми, а бидејќи не можеа да ја најдат, ме искористија мене, наместо неа“.

Ова е „воздухот на слободата“, кој стигна дури до говорницата во Њујорк?

Атанас Иванов од село Кирчево бил еден од многубројните сведоци на силувања:

„Откако малку се оддалечив, видов како селото гори. Сретнав една жена која се обидуваше огнот да го изгаси со вода. Дојдоа војници и ја силуваа. Видов шестмина војници како се обидуваат да силуваат една девојка. Друг војник протестираше поради тоа, но му се заканија со бајонети... Кога дојдов до логорот на офицерите, тие рекоа: ‘Одвете го и фрлете го во пламенот...’ На враќање кон селото сретнав деветмина други селани и видов како ги убија сите со бајонети... Избегав во тој момент велејќи дека сум Грк“.

Марко Буракчиев од околината на Демир Хисар раскажувал дека кога излегол од куќата ја видел својата сосетка Стојана Чаликова во вир од крв, мртва од рани со бајонет и трупот на малиот Ангел Пасков. Се вратил во куќата и видел двајца или тројца војници како ја претресуваат баба му за пари. Таа немала ништо и и го пресекле вратот.

Димитар Гудичов и Иван Радев од истиот крај раскажувале дека мажите биле затворани во куќите и живи запалувани. Четириесет жени биле затворени во куќата на Ангел Дуриов и таму тепани, соблечени и силувани. Четири жени биле убиени, а четири одвеле војниците. Павле Чавков додал дека видел како војниците зеле седум или осум жени, голи, од Горно Броди. Тома Поп Стојанов, од Долна Џумаја, изјавил дека неговиот татко, свештеник и 25 угледни граѓани ги убиле грчките војници и дека четири жени биле тепани и силувани додека не умреле.

Вака може да се реди до недоглед. Но приказните се слични и што е уште потрагично, тие се само од делот што се однесува на 1913 година. Да не зборуваме за подоцна, вклучувајќи го и периодот на Граѓанската војна до 1948 година. И сето ова влегува во аргументацијата на Друцас кога од говорницата на ООН зборуваше за поголемиот дел од Македонија што и припаѓа на Грција, од што, пак, сега го изведува своето право да нé негира.

Букурешката поделба

Последица на Втората балканска војна е Букурешката конференција за мир од 17 до 28 јули 1913 година (според стариот календар), на која е потпишан Букурешкиот договор со кој Грција и Србија како победнички во војната добиваат 89,89 отсто од територијата на Македонија, а Бугарија, како поразена страна, 10,11 отсто.

На конференција, зад Грција и Србија стоеле Франција и Велика Британија, додека Бугарите се надевале на поддршката од Русија и Австро-Унгарија. Најмалку половина од преговорите биле потрошени околу тоа дали пристаништето Кавала ќе и припадне на Бугарија (за што се залагала Русија) или на Грција (за што се залагале Франција и Велика Британија со цел да оневозможат Русите преку Бугарија да излезат на Егејско Море).

Историска карта на Грција која покажува како ја зголемувала својата територија и деловите што Грците ги сметаат за нивни, а кои сé уште се надвор од границите на грчката држава.

No comments:

Post a Comment