На многу загинати момчиња од Драслајца, Струшко, не им се знаат гробовите
Годините од втората деценија на 20. век, кога се случија Балканските војни и Првата светска војна, за жителите од струшкото село Драслајца биле едни од најстрашните години. Тогаш ги доживеале сигурно и најголемите ужаси. Се надевале на конечна слобода, но по Балканските војни ја дознале суровата вистина, нивната Македонија била распарчена. Драслајчани биле регрутирани и во српската и во бугарската војска. Која војска ќе дојдела, ги облекувала во униформата на својата армија и ги терала на фронтовите да се борат под нејзиното знаме. Во тие војни загинале повеќемина драслајчани. За некои се знае каде ги оставиле коските, за повеќемина не.
Стефан Климоски служел во три војски, бил дури и турски војник. Сѐ на сѐ, во разни војски поминал девет години. Кога војувал на Македонскиот фронт како бугарски војник, го пуштиле на отсуство. Тогаш и се оженил. Со младата невеста не останал долго, десетина дена, и пак морал да замине назад. Еден подолг период го сметале за мртов, а неговите веќе го прежалиле. Големата забуна се случила кога од фронтот на отсуство дошол Крстан Спироски. Штом разбрала за доаѓање на Крстан, мајката на Стефан отишла да праша дали нешто знае за нејзиниот син, од кого подолго време немале добиено никаков абер. „Го немам сретнато, но слушнав дека загинал на Беласица“, рекол по малку наивно Крстан, пренесувајќи ѝ го тоа што најверојатно се зборувало меѓу војниците од струшкиот крај. Се вратила дома сета потресена и седнала да плаче заедно со невестата. Преку ноќ во куќата на Климовци се вселила тешка тага за „загинатиот“ Стефан. Жените облекле црни џубиња и ставиле црни шамии, а мажите пуштиле брада.
Во голема жалост ги дочекале и Поклади, кога според традицијата луѓето си проштаваат еден на друг ако си згрешиле. Таа вечер Стефановата невеста излегла да земе трски од дворот за да го разгорат огнот. Само што ја отворила вратата, кучето почнало да лае, а во бавчата забележала двајца мажи во војнички униформи. Кога видела дека еден од војниците си поигрува со кучето што се умилкувало околу него, знаела дека тој е некој нивни човек. Кога се приближиле до куќата, во еден од двајцата војници го препознала својот Стефан. Не можела да поверува дека е жив и сета возбудена истрчала дома и почнала да вика: „Мајко, Стефан си дојде“. На радоста ѝ немало крај, зашто нивниот Стефан се вратил од мртвите.
За време на Првата светска војна, или како што го нарекувале тогаш – „прво српско“, во Драслајца биле мобилизирани петнаесетина млади момчиња од Србите. Сите тие војувале на фронтот против Австро – Унгарија. Повеќемина загинале, борејќи се за српската кауза, малкумина се вратиле.
Кога Србите го регрутирале Спасе Лозаноски (Евтимоски), првото и единствено чедо што го имал Насто, кој загинал во Илинденското востание, ќерката Славка имала само шест недели. Заедно отишол со Целе Мангоски и Марко Спасески. Неколку години немале никаков абер од него. Кога Марко си дошол од фронтот, мајката на Спасе отишла да се распраша за синот. Од него ја слушнала суровата вистина дека го заробиле Австроунгарците, но и приказната како останал жив. Гледајќи дека неговите другари гинат на фронтот и знаејќи дека мали се шансите и него да не го погоди некој смртоносен куршум, решил да ги надитри своите командири. Во разгорот на битките Марко пукал во себе и се ранил, по што го однеле во болница да го лекуваат. За негова голема среќа, никој од претпоставените не се посомневал. На мајката на Спасе ѝ објаснил дека ги убедувал да го направат тоа и нејзиниот син и Целе, но тие немале храброст да пукаат во себе. Дури им предложил тој да ги рани, но и тоа не го прифатиле.
Домашните на Спасе Лозаноски никогаш не дознале каде тој го завршил животот, а за Целе Мангоски се знае дека загинал кај Кнажевац.
Благоја Костески раскажува дека неговиот татко Јонче често зборувал за своето војничко патешествие. Две години бил српски, две години бугарски војник. Најпрво Србите го регрутирале пред Првата светска војна во 1914 година. Учествувал во битките кај Кучево, Космај и на други места за да биде заробен од Австроунгарците и одведен во заробеништво во Австрија. Тој на своите синови им раскажувал дека таму ги хранеле мизерно, колку за да преживеат. Дневно им давале само по четврт леб и посна чорба, па така за кусо време станале коска и кожа. За среќа, летото ги однеле на некоја фарма во Унгарија, крај Јанка Пуста. На огромниот имот работеле стотина заробеници, од кои четириесетина биле Македонци. Со нив бил и некојси Крстан од Присовјани, Струшко, кој знаел по малку унгарски, што им помогнало да остварат подобар контакт со сопственикот на имотот. Кога стасале на фармата, на газдата му објаснил дека ако сака добро да му работат, треба и добро да ги храни, бидејќи се многу ослабени од војната и од заробеништвото. Го прифатил тоа и цело време додека биле кај него ги хранел богато. Секој ден за четворица им давал по еден сомун леб од по пет килограми и им готвел разни јадења со месо. За кратко време им се вратила силата и сите работи на фармата ги завршувале без никакви тешкотии. Меѓутоа, и на тоа брзо му дошол крајот. Еден ден стасала некоја бугарска комисија. Македонците ги издвоила настрана, ги качила на воз и ги однела во Бугарија. Откако ги облекле во бугарски униформи, ги одвеле на фронт, каде што останале до завршувањето на војната.
Според кажувањата на Јоне Лозаноски, неговиот татко Наум можел да ја избегне голготата на војните. Во времето кога почнала Првата балканска војна се наоѓал на печалба во Влашко, Романија, и требало да замине за Америка. Меѓутоа, желбата да го одмазди својот татко Ѓорѓи, кој загинал во Илинденското востание, била посилна од сѐ. Кога Србија, Бугарија и Грција отвориле војна против Турците, ја оставил печалбата и тргнал за дома убеден дека дошол моментот за ослободување на Македонија, не претпоставувајќи дека седум години крвавел за туѓи интереси.
Наум Лозановски на фронтот бил заробен од австроунгарската војска и одведен во логор во Австрија. Со него бил и Никодин Ставрески, како и уште шеесетина други Македонци од струшките села. Од заробеништво бил ослободен од Бугарите, но директно однесен на Македонскиот фронт, каде што морал да се бори против српската војска, во која бил пред тоа. Учествувале во многу битки на Кајмакчалан во Мариово, Страцин, Кумановско. Три години нивните најблиски не знаеле дали е жив или мртов?
Јонче Цветаноски, кој по војните од Мешеишта се преселил во Драслајца, во 1914 година бил мобилизиран од Србите, при што учествувал во битката кај Лозница против Австроунгарците. И тој, како многумина, бил заробен и одведен во логор во Австрија. По извесно време дошла бугарска комисија и ги собрала сите Македонци, вклучувајќи ги во бугарската војска на Македонскиот фронт. Командант - фетфебел му бил познатиот охридски адвокат Демостан Манев. За време на долгото војникување добил отсуство и дошол во Мешеишта, каде што видел како бугарската војска го конфискува последното жито на селаните. Кога се вратил на фронтот, му се пожалил на својот претпоставен за тоа што го прават Бугарите, а, тој сфаќајќи ја трагедијата што ја доживува македонскиот народ, револтирано му рекол дека е во право зашто низ Бугарија жените дотерани шетале слободно, а во Македонија се гладни и им го земаат житото.
Јонче Цветаноски раскажуваше и еден друг случај што зборува за суровоста со која се однесувала бугарската војска спрема македонскиот народ, чии синови биле носени на кланиците на фронтовите. Вториот пат кога дошол на отсуство случајно се затекол крај шаторот на бугарската војска што бил поставен на сретсело во Мешеишта и притоа слушнал како нивниот командант со силен глас разговара преку радиоврска. Од тоа што го кажал разбрал дека на фронтот сѐ е готово и дека бугарската војска и нејзините сојузници се поразени и затоа добиле наредба да се повлекуваат. Наредниот ден побегнал в планина за да не го земат со нив, а негов другар кој, исто така, бил на отсуство, излегол сретсело, облечен во бугарската униформа со која дошол во родното место, сметајќи дека е нивни војник, па затоа нема ништо да му направат. Но, многу се излажал. Којзнае поради која причина, најверојатно лут од фактот што ја губат војната, еден бугарски офицер го извадил пиштолот и го застрелал. Јонче раскажуваше дека Бугарите, повлекувајќи се од Мешеишта, грабале сѐ што ќе најделе по куќите.
No comments:
Post a Comment