По смртта на Александар III Македонски и по последователните договори и делби на неговата империја, Египет му припаднал на македонскиот благородник Птолемај. Тој, пак, успеал да се справи со првичните тешкотии и, во општи рамки, владеел мудро и снаодливо – па станал и родоначелник на династијата Птолемаиди. Птолемаидите владееле со Египет од 323 до 31 година ст. е., значи близу три века; како и сите владетели, и тие го усовршувале устројството на нивното кралство, ги осмислувале односите со свештенството, со земјоделците, со војската. За таа цел, Птолемаидите објавиле серија кралски декрети и наредби; понекогаш декретите имале слична содржина, или пак се однесувале на иста работа, но биле обновувани и објавувани од неколку кралеви последователно; во таков случај, станува збор за т. н. „серија од декрети“.
Прочуениот камен од Розета, за кој одненадеж почна толку многу да се пишува , е само еден зачуван и познат пример на документ од таква серија декрети. Прв и најстар во оваа серија е т. н. Декрет од Каноп, објавен во 229 год. ст. е. од кралот Птолемај III (247 – 221 год. ст. е). Овој декрет е исклучително важен во историската наука. Освен што е украсен со специфични релјефи со воена и религиозна содржина (кралот, под закрила на боговите, победува непријатели), во дел од текстот станува збор за воведување на нови религиозни празници и нивно распоредување во годината – па документот содржи и опис на најточниот антички календар за кој се знае досега. Втор документ во оваа серија е т. н. Прв декрет од Мемфис, објавен во 218 или 216 год. ст. е. Од кралот Птолемај IV (221 – 203 год . ст . е .); и овој декрет се однесува на истата работа. Треt, и последен документ во серијата е т. н. Втор декрет од Мемфис, чиј препис е и на Каменот од Розета – повторно варијација на истата тема, објавен во 196 год. ст. е. од кралот Птолемај V (203 – 181 год. ст . е .)
No comments:
Post a Comment