Војислав Саракински, историчар: Квазинаучните дела се напишани со политички, дури со политикантски цели
Војислав Саракински (1975 година) е вработен на Институтот за Историја на Филозофскиот Факултет стекнал и во моментов ги држи семинарските вежби по предметите Историја на античките Македонци до 323 ст.е., Историја на античките Македонци 323 ст.е - 313 н.е., Историја на Стариот Исток, Историја на Стара Грција и Историја на Стариот Рим за групите Историја и Класични Студии. Доверено му е и изведувањето на наставата по предметите Историја на античките Македонци, Историја на Стариот Век 1 и Историја на Стариот век 2 за групите Историја со архивистика и Археологија, под менторство на проф. д-р Наде Проева. М- р Саракински, пред неколку години се спротивстави на професорите Бошевски и Тентов од Електротехничкиот факултет, кои решија да се фатат во костец со дешифрирање на стари писма и јазици. Тие го „протолкуваа“ средниот текст на Каменот од Розета и го прогласија за старомакедонски. Така изгледа, почна се...
Вие сте еден од ретките кои проговорија јавно, т.е. се спротивставија на т.н. антиквизација на Македонија, со текстот „Дискретната смрт на методологијата“...
- Во основа, јас се спротивставив на еден многу неиздржан, дури псевдонаучен труд во кој се претендираше на спектакуларно научно откритие. Се почувствував обврзан да разобличам еден начин на размислување кој нема ништо заедничко не само со изучувањето на антиката, туку со научната работа воопшто – работа врз погрешни премиси и со погрешна методологија, што неминовно дава невистинити заклучоци. Што се однесува, пак, до антиквизацијата – тоа е политички поим што неодамна се појави во јавноста и кој во тоа време с? уште не беше актуелен иако, мора да се признае дека многу нешта кај нас одат во насока на размислувањата на авторите на трудот.
Да појасниме за пошироката јавност: што е Каменот од Розета? Има ли тој воопшто некаква врска со нас и значење за нас?
- За научниците, Каменот од Розета е проглас на еден крал од династијата Птолемаиди во врска со правата и обврските на локалното свештенство и со истакнувањето на кралските статуи во храмовите. Тоа е правен и архивски документ, кој сам по себе не содржи ништо особено интересно и е еден од низа други такви прогласи. Каменот од Розета стана важен за науката затоа што, врз основа на демотскиот египетски и на старогрчкиот текст што се на него, Шамполион успеа да ги протолкува египетските хиероглифи; значи, тоа е документ со голема научна важност не толку поради неговата содржина, туку поради улогата што ја имал во еден одреден момент од развојот на науката за минатото, и затоа е познат во целиот свет.
Зошто некој се нафатил да го преиспитува токму Каменот од Розета?
- Тоа не може да го каже со сигурност никој, освен авторите на потфатот, иако насетувам дека ново толкување на Каменот од Розета звучи многу пограндиозно отколку ново толкување на парче од некој папирус во музејско депо. Потфатите со бомбастични цели редовно си имаат и бомбастични предмети на „истражување“: затоа во Босна се ископуваат пирамиди; Троја е насекаде од Херцеговина, преку Италија, до Англија, само не онаму каде што е најдена; под Сфингата има тајно светилиште на вонземјани; пирамидите, Сфингата, Каменот од Розета и слични општопрепознатливи нешта предизвикуваат многу поголем публицитет од една стомна, или пак дел од прстен – ако се стремите кон публицитет, а не кон науката.
Стана ли кај нас практика, како во случајов, некомпетентни да се занимаваат со се' и сешто? Некако, сите се дадоа на тоа „менување на свеста, сега и овде“...?
- Иако се' уште не е редовна практика, тоа го има се' повеќе и повеќе. Кај нас веќе како да не е важна компетенцијата и професионалноста, туку само интересот за некоја тема, па да се изродат серија „трудови“ со, наводно спектакуларни откритија. Но, тоа не може да се спречи, ниту да се забрани; такви трудови отсекогаш имало и ќе ги има, не само кај нас, туку насекаде низ светот. Но, она што е навистина лошо е степенот на медиумско внимание што им се дава на овие приватни „занимации“. Секако дека луѓето ќе продолжат да пишуваат и да се расфрлаат со научни „вистини“, кога медиумите им бараат изјави, им организираат промоции и конференции, ги канат на телевизија, посветуваат часови и часови на нивните квазитеории. Проблемот е, значи, во нашето општество, особено во медиумите кои брзаат да им дадат публицитет, а забораваат да се прашаат дали за она на што му посветуваат толкаво внимание воопшто заслужува да се дискутира. Ако е тоа начин да се смени нечија свест, а не знам зошто треба да се менува, тогаш тој начин е погрешен и речиси смешен.
Дали барем дел од овие трудови имаат некаква научна вредност?
- Во општи црти не, ниту може да имаат; јас сум историчар, и мислам дека никој не би прифатил да му поправам заби, или да му проектирам куќа. Голем дел од овие писанија немаат ништо заедничко ниту со науката, ниту со историјата, ниту со здравиот разум; еден мал дел се во основа донекаде точни, но на светот му откриваат „грандиозни“ научни вистини: дека античките Македонци имале свој јазик, дека Клеопатра Седма потекнувала од македонска династија, и слични нешта кои можат да се прочитаат во средношколски учебник.
Зошто научниците не реагираа посилно во врска со овие прашања?
- Факт е дека научната јавност во прво време интимно ги исмеа, но јавно го потцени влијанието на овие „научници“. Квазинаучните дела се напишани не со научни, туку со политички и, дури, политикантски цели, а научниците, по правило, гледаат да се што подалеку од дневната политика. Со тоа, тие им оставија широко и небрането поле за изразување на сите што сакаат да прозборат за што било, а кои најчесто не знаат и не умеат да го направат тоа.
Значи, научниците сами се „изземаа“ од дебатата...
- Зависи како го дефинирате тоа изземање, но во основа тоа можеби е и точно. Или, поскоро би кажал дека не се снајдоа најдобро во целата ситуација. Луѓето што професионално го истражуваат далечното минато (историчарите, археолозите, класичните филолози, нумизматичарите, епиграфичарите) обично се сразмерно мала група луѓе и имаат хомогени вредности во однос на интересот, етиката и квалитетот на она со што се занимаваат. Тие одеднаш се најдоа соочени со кругови чиј поглед на светот и чии интереси немаат никакви допирни точки, па дури се и спротивни на интересите на академијата и на науката. Тие сега се приморани да работат како дел од еден систем заснован врз поинакви вредности, дури и врз профит, што за нив е несфатливо.
Зарем некој релевантен политички фактор ја дозволува ваквата состојба заради профит?
- Зборувам за медиумите – телевизиите, неделниците, дневниот печат, дури и издавачките куќи. Јасно е дека тие не се хуманитарна организација, туку работат врз основа на пазарна логика. Надвор од научните кругови тешко ќе „продадете“ поткршен сад за жито или обична чаша, но затоа лесно ќе „продадете“ пирамиди, сфинги и розети. Јавноста бара „големи“ одговори и допадливи заклучоци, сега и тука; а тоа, ниту еден сериозен истражувач ниту ќе го извлече од ракав, ниту ќе го измисли за да и се допадне на публиката.
Меѓутоа тоа не е состојба наметната од медиумите, туку од други, условно кажано, политички фактори.
- Тоа, исто така е точно; и тоа е дел од тие поинакви вредности што ги спомнав. Етиката и интересите на научникот и етиката и интересите на политиката не се исти. Овие вредносни системи се судираат – и тука научникот се соочува со најсилните морални и професионални дилеми. Во основа, науката за минатото никогаш не е целосно објективна, ниту пак може да биде целосно ослободена од личноста и од заедницата. Ние сакаме да веруваме дека нашите наоди се целосната, објективната и единствената вистина, а всушност толкуваме факти врз основа на нашиот личен систем на вредности. Така решаваме што да истражиме, што да „расчепкаме“, што да ископаме или повторно да протолкуваме. Во моментот кога врз тие наши решенија почнуваат да влијаат „надворешни“, ненаучни фактори, тогаш започнуваат проблемите.
Дали токму затоа научната јавност толку долго молчеше и со тоа ги одобруваше еуфориите околу „директната поврзаност на денешните со античките Македонци“?
- Ќе разберете дека не може да зборувам во името на сите. Кој сакал нешто да каже, кажал таму каде што нашол место и потреба; кој молчел, самиот најдобро знае зошто молчел. Но, проблемот не е толку едноставен колку што го прикажувате. Во овој случај, ако научниците молчат, тоа не мора да значи дека ја одобруваат хистеријата. Ако веќе треба некако да се дефинира однесувањето на нашата академска заедница, би можело да се каже дека кај нас, главно се покажуваат три матрици на однесување. Првата матрица е матрицата на игнорирање. Дел од нашите научници не може да сфатат од каде изникнаа толку псевдонаучни теории и трудови; тие, во некоја смисла, се срамат да одговараат на такви баналности и се надеваат дека ова е минлива мода, која набрзо ќе исчезне сама од себе. Втората матрица е матрицата на задоцнета реакција. Многумина видоа дека работата отиде подалеку од невкусна шега и дека нешто сепак треба да се направи – тука се вклучувам и себеси – но сега се соочени со непријатното прашање „каде бевте досега“, прашање што звучи оправдано. Третата матрица е матрицата на автоцензура. Луѓето молчат, зашто знаат дека тоа што ќе го кажат нема да и' конвенира на јавноста; тие знаат дека ќе бидат нападнати на ненаучен и приземен начин, па затоа одбираат или да молчат, или да настапат со тези што се „поприфатливи“ во овој политички момент.
Последното издание на „Историјата на македонскиот народ“, од група автори, ги афирмира тезите дека античкиот елемент е доминантен кај Македонците. Дали и тука има некаква матрица на однесување?
- На ова не може да одговорам, зашто би било неблагодарно и нечесно да се дава мислење за непрочитана книга. Книгата, значи, треба најпрвин внимателно да се прочита, а не да се коментира врз основа на неколку упростени телевизиски прилози и извлечени цитати. А што се однесува до стручниот дел од прашањето, не сум убеден дека претежнувањето на еден или друг генетски, етнички или каков и да е елемент може да се измери со децилитри, килограми или проценти. Дури и да може – приказната за етногенезата и етничката припадност е толку сложена, и е мозаик од толку многу различни елементи, што не верувам дека тоа на кој било начин ќе го смени она што сме ние денес.
Дури и да се докаже некакво генетско потекло сепак, нели, нацијата зависи и од културата и од јазикот...?
- Апсолутно, но и од уште многу други работи. Всушност, етничката припадност на еден човек многу малку зависи од неговиот генетски код. Прашањето како еден човек се чувствува и изјаснува, на која заедница и' припаѓа, каде го гледа и го бара своето место во пошироката заедница, воопшто не е генетско прашање, туку е социолошко и културолошко. Не постои некакво примордијално, вродено, однапред дадено и вечно чувство на припадност на една заедница – исто како што и идентитетот на заедницата на која човек и' припаѓа не е зацементиран во времето, туку постојано се менува и еволуира. Ова особено важи за антиката. Во многу случаи претпочитаме да зборуваме за припадност на одредена културна сфера, за културен идентитет и поглед на светот, а не за етнички идентитет. Наметнувањето на јазик, менувањето на етничка припадност, планското покорување и претопување, точното одредување на нечиј етницитет – во античко време едноставно не постоеле како концепти. За античкиот човек, особено по освојувањата на Александар, овие прашања би биле банални.
Што мислите, кому му е потребно ова враќање во минатото, „враќање на идентитетот на мртвите“, со што, всушност, се убива сегашноста? Колку впрочем, нам, на Македонците ни се неопходни овие работи?
- Според мене, ние не се враќаме во минатото - тоа е физички неизводливо. Не може да ги укинеме ЕВН и „Водостопанство“, да си нафрлиме наметки, да ставиме на глава македонска кавсија, да се натпреваруваме во трки на кочии, да одиме во колона зад еден долг стап со сонце на врвот и да го воспеваме Аполон. Тоа навистина би било антиквизација, и затоа мислам дека тој преупотребуван поим е во корен погрешен. Она што ни се случува денес е обојување на сегашноста со антички нијанси, чудна комбинација на благ популизам и ненаучно „препрочитување“ на минатото; крајните цели, кои неодамна ни беа толку сликовито објаснети, немаат ништо заедничко со вистинската научна етика. Јас, на пример, мислам дека и нашето минато, и нашата сегашност се извонредно разновидни и интересни; дека нашиот идентитет е совршено јасно исцртан, дека имаме и со што да се претставиме, и со што да се гордееме онакви какви што сме; за да бидам убеден и за да се гордеам со тоа, не ми требаат никакви потсетувања со симболи, знаци и пораки од антиката. Понатаму, не гледам потреба да се ангажираме во дебати кој е постар и кој од секогаш бил тука. Такви дебати и расправии им личат само на нервозни и несигурни луѓе што не се сигурни во себе, па бараат докази за тоа колку се стари и големи.
Како научник, но и како граѓанин на оваа држава, на што би требале да се фокусираме за да станеме „рамноправни“ со другите народи?
- Ние сме апсолутно рамноправни со сите други народи. Од каде идејата дека нашиот народ е нерамноправен, според кои критериуми и во однос на што? Тоа што на нашата држава и' се наметнати нелогични рестрикции и задачи што не се бараат од други држави, тоа можеби не' прави нерамноправни како држава, но никако како народ. Но, ако зборувате за тоа што треба да го направиме како народ, за да го олесниме бремето на нашата држава, тоа е нешто сосема друго. Јас ниту можам, ниту пак сакам да делам политички лекции, зашто сум квалификуван да зборувам само за историската наука. Тука одговорот е лесен, и само еден – фокусирање врз високи стандарди, квалитет, етика и професионализам во работата. Треба точно да се знае кој што работи, и како го работи тоа. Значи, да ископува археолог, а не лекар; да толкува историчар, а не електроничар; да преведува класичен филолог, а не адвокат; и обратно, историчарот и археологот да не градат пруги и многукатници. И, се разбира – од сите нив да се бараат највисоки можни стандарди, а во замена да им се овозможи целосна независност во работата. Научниот круг треба да биде доволно мотивиран, финансиран и поддржан за да ја обработи информацијата и задолжително, како единствен фронт, да ја објави онаму каде што треба. Не во контактни емисии, на радио или во весник, туку во научна публикација, од каде што ќе биде раширена низ светот. Се' додека на ова се нафаќаат политичари, економисти, новинари, квазинаучници, аматери и заинтересирани граѓани, нема да имаме ред и напредок, туку безредие, лоша поткованост и слаба подлога за настап во светот, што ќе резултира со неуспех.
Дали во тој случај ни е потребно и едно „преиспитување“ на научниците пред да се пласираат и прифатат нивните тези?
- Ако зборуваме за академски образовани научници – апсолутно не. Кој е тој што ќе реши дали нечија академска теза е прифатлива или не? Таа треба да се објави, а потоа, со опсежна научна дискусија, лесно ќе се види дали е прифатлива, или не е. Априорното проверување е цензура – а кој ќе го проверува „проверувачот“? Но, ние премногу често забораваме дека научната полемика не значи карање, напади и меѓусебни обвинувања. Кај нас е заборавена уметноста на научната дебата; ако дискутирате за нечија научна теза, тоа се доживува лично и ви се враќа како личен напад. Во здравите научни кругови е совршено нормално двајца научници да се блиски пријатели приватно, а лути противници во научните ставови. Значи, тоа е една работа што треба повторно да заживее кај нас, а никако некаква контрола или цензура.
Ископувања
Археолозите работат под притисок
Било смешно и жално да се обвинуваат археолозите зашто се занимаваат со она за што се образовале, го сакаат и, најпосле, она за што се платени. Археолозите ја работат својата професија - тие ископуваат, го откриваат и заштитуваат нашето културно наследство, и тоа е поентата на археологијата. Што друго би требало да прават? Значи, за археолошките активности не може и не смее да се најде критика. Но, претпоставувам дека вас ве интересира нешто друго, еден посуптилен проблем. Поради една или друга причина – и тоа се случува не само кај нас, туку во сите балкански земји без исклучок – денес од археолозите се бара да најдат, да протолкуваат наод, да излезат во јавноста со откритие уште пред да се заокружи процесот на обработка на наодите; постојано да даваат коментари и изјави, со еден збор - да работат под притисок за да го „заслужат“ тоа што се инвестира во нив. Мошне слично е и со историчарите на антиката: ним им се обрнува внимание само кога имаат да кажат нешто допадливо за јавноста. Поскоро ќе бидат поканети ако настапат со некоја смешна теза, дека, на пример, „Илијадата“ била создадена на современ македонски јазик, одошто ако посакаат да зборуваат за нештата што ги начнавме денес. Да не зборуваме ако, случајно, имаат податок што нема да и' одговара на едни или на други – тогаш од сите екрани ќе им се насмевнуваат нивните опоненти, во одбрана на некаква балканска национално-фолклорна приказна. А таму каде што науката се дели на наука што ни одговара и на наука што не ни одговара, таму нема никаква наука.
Извор: Глобус
No comments:
Post a Comment