Археолошкиот локалитет „Исар” - средновековната населба и утврдениот средновековен град Штип се наоѓа во југозападниот дел на денешниот град Штип, на доминантното возвишение Исар, помеѓу реките Брегалница и Отиња, со правец на протегање север-југ, во должина од 350 м, а од коритото на Брегалница се издига до околу 150 м.
Во времето на феудализмот, кога потребата од сигурна заштита и одбрана е неопходна на највисокиот дел од возвишението изграден е средновековен град од типот на Маркови Кули (Прилеп), Самоилова Тврдина (Охрид), Кале (Скопје), Цареви Кули (Струмица) и др.
Средновековниот град Штип, како и другите средновековни градови се состоел од утврден дел - внатрешен град (фрурион) и надворешен град-подградие (амборија). Највисоките делови од Исарот се опколени со ѕидни платна. Главниот влез во тврдината се наоѓа на источната страна спрема источното подградие, а споредниот влез на северната страна кон северното подградие. Најутврдениот и најбезбедниот дел од тврдината се наоѓал на акрополата од возвишението во која бил сместен феудалниот дворец.
Истражувањата на средновековната тврдина Исар-Штип (средновековен Штип) во 2009 год. се изведуваа на следниве локации: локација Акропола - истражување на акрополата од тврдината, локација Стара Кланица - откривање на средновековната црква Св. Власиј и локација Чекичан Скала - откривање на претпоставениот средновековен туннел.
На локацијата Акропола со истражувањата во 2008-2009 год. речиси во целост е откриена и документирана целокупната сочувана архитектура на акрополата: западно, јужно, источно, и северно бедемско платно, пет одбранбени кули, доцносредновековна црква, две цистерни, и темелни остатоци од стопански и станбени објекти.
На локацијата Стара Кланица-северозападно подградие на тврдината откриен е ограден бедемски простор во кој е лоцирана мала средновековна црква, веројатно црквата Св. Власиј, позната од средновековните записи. Околу црквата е регистрирана средновековна некропола. При истражувањето на овој процтор, иако малубројни, регистрирани се археолошки артефакти - керамички и друг материјал кој укажува на долг временски период на човеково битисување на оваа локација, од бронзенодопскиот па сé до раниот османлиски период.
На микро локацијата Чекичан Скала во западното подножје на Исарот, во нивото на речното корито на Брегалница, откриен е дел од досега претпоставениот средновековен тунел, познат во народните преданија.
Тунелот под доста стрм агол, следејќи ја косината на теренот, оди од под нивото на речното корито кон тврдината. Внатрешноста на тунелот е со импозантни димензии. Во пресекот на карпата висок е 2,50 а неговата широчина достигнува до 1,60 м. Таваницата е засведена, а подот е изведен од релативно добро вклесани скалила кои ја следат косината на теренот на исток кон тврдината. Во внатрешноста на тунелот, покрај вешто изведените скалила, констатирани се извесни проширувања - одмаралишта, странично поставени, со што во овие делови широчината на тунелот достигнува и до 2,50 м. Тунелот е истражен во должина од околу 30 м сметано од почетниот дел на карпата, кој е отстранет со некогашното минирање. Тунелот бил користен за тајно снабдување со вода за жителите на тврдината, а истовремено служел и како таен премин за воени потреби. Најверојатно тунелот бил граден уште во античко време а бил во употреба и во средниот век, за што зборува и народното предание за начинот на освојувањето на средновековен Штип од страна на Османлиите а за кое известува во своите патеписи турскиот патеписец од 17 век Евлија Челебија.
Дел од наодите може да ги погледнете овде.
April 05, 2012
Subscribe to:
Post Comments (Atom)
No comments:
Post a Comment