April 04, 2012

Цареви Кули, Струмица

Археолошките ископувања на локалитетот Цареви Кули во текот на 2009 година беа спроведени на повеќе пунктови со цел да се доистражат културните хоризонти на југоисточното и централното плато, потоа на дел од северозападното плато и дел од некрополата во секторот Јужен рид. Овојпат акцентот беше на истражувањето на објектите и содржините, како од средновековниот, така и од рановизантискиот, доцноантичкиот, римскиот, македонско-хеленистичкиот, античкиот класичен и праисторискиот период (средна бронза и ран енеолит). Се истражи простор во вкупна површина од 3654 м². Покрај мноштвото средновековни објекти, се појавија и остатоци од објекти од римскиот и доцноантичкиот период. Се истражи дел од протегањето на југоисточниот антички бедем и одбранбените кули, а посебно се значајни четирите јами со големи димензии кои дадоа непроценлив материјал од V-IV век пр.н.е. и кои во голема мера го збогатија сознанието за класичниот антички период на овие простори.

Се истражуваше и дел од некрополата во секторот Јужен рид каде се доби богат фундус на движни наоди, кои сведочат за социјалниот статус и културните достигнувања на популациите кои ја населувале Струмица во текот на македонско-хеленистичкиот, доцноантичкиот, рановизантискиот и средновековниот период.

Еден од поинтересните наоди е секако и пронаоѓањето на депо со 4300 средновековни монети од втората половина на XII и првата половина на XIII век, време кое има силни одрази во историјата на Цареви Кули. Беа пронајдени повеќе од 1600 предмети кои речовито го илустрираат животот и културата на Цареви Кули. Дел од овие наоди најдоа свое место и на оваа изложба.

Дел од наодите може да ги погледнете овде.

No comments:

Post a Comment