November 12, 2013

Трета молитва на моето тело, Ацо Шопов



Ацо Шопов
(1923-1982)

Ацо Шопов е роден во Штип каде завршува основно училиште и гимназија. Филозофски факултет завршил во Скопје. Тој бил активен учесник во НОБ од 1941 година. По ослободувањето, работи и живее во Скопје, каде бил уредник на неколку литературни списанија. Издал повеќе збирки поезија, но и активно преведувал, претежно од југословенски автори, но и дела од Шекспир, Корнеј, Крилов и др.
Македонската повоена поезија се дели во три фази кои ги следи и Шопов. Во првата фаза, која ги опфаќа годините по војната, тој пишува борбена и патриотска поезија, во која сè е подредено на татковината. Тука спаѓаат збирките: „Песни“, „Пруга на младоста“ (заедно со Славко Јаневски), „Со наши раце“, „На Грамос“.
Следејќи ги тековите на модерната поезија, во следната фаза пишува интимна лирика. Мотивите се: човековото битие, минливоста и смислата на животот. Тука спаѓаат збирките: „Стихови за маката и радоста“ и „Слеј се со тишината“.
Во последната фаза, поезијата на Шопов е исполнета со интровертност и автобиографски елементи во која спаѓаат збирките: „Ветрот носи убаво време“, „Небиднина“,  „Гледач во пепелта“.

Циклусот „Молитви на моето тело“
          
Циклусот „Молитви на моето тело“ е од збирката „Небиднина“. Тој содржи 12 песни и претставува заокружена тема. Централен симбол во циклусот е телото. Тоа е претставено како митски облик - првично тело, кое го достигнува својот врв и бујност во љубовта. Опаѓањето на бујноста, разочараноста од староста и од смртта (небиднината) се темните мотиви кои го окупираат вниманието на поетот. Тој се враќа кон молитвите, кон бајачките, кон древните ритуали на гонењето на лошиот дух на смртта со гест, музика и збор. Со првата песна од циклусот „Раѓање на зборот“, Шопов ја отвара темата на зборот во македонската поезија.
Во третата песна од циклусот, „Втора молитва на моето тело“, поетот го воведува мотивот на мостот. Мостот симболизира спојување, зближување. Неговото тело е мост и тој сака да се доближи до сè, да доживее, да види, да допре сè.
          
            Третата молитва на моето тело
            
Што си: девојка, жена, мајка? Што си             
ти што бдееш пред овој храм во кој со тишина се лечи            
телото мое, молитвено што клечи.            
Светлина ли, мрак ли твоето идење му носи.            
Што си: девојка, жена, мајка, што си?            
Што си ти застаната со спокој темен            
пред ова тело чиј глас со виј го гони            
ветрот што лута, под тајни небосклони,            
чиј глас е жед и виј на вијот земен.            
Што си ти застаната со спокој темен?            
Што си: девојка, мајка, жена            
ти - скаменета пред влезот на овој храм            
со моќно име: ПОБЕДУВАМ,            
па ова тело возвишено го крена.            
Што си ти: девојка, мајка, жена?

Мотивот на жената и на љубовта започнува со оваа песна. Но, кон овој мотив Шопов не приоѓа на едноставен начин. За него љубовта не е едноставна и уште на почетокот на песната го поставува тројството: девојка, мајка, жена (еротска љубов, мајчина, сопружничка). Слично како Блаже Конески во „Болен Дојчин“ што и се обраќа на Ангелина со: непозната жено, мајко, сестро и Шопов и приоѓа на љубовта. Исплашен од немирот и чувствата што му навираат, во до тогаш мирниот и спокоен живот (храм во кој со тишина се лечи) тој не знае што да направи. Дали да ги отвори портите и да и дозволи на непознатата љубов да влезе во неговото срце? Но, тој нема избор - таа ПОБЕДУВА, таа доаѓа и го разбранува неговото тело, го прави да се чувствува моќен и возвишен.
Чувството на несигурност и страв наспроти чувството на љубовта во песната се дадени во постојан контраст (светлина - мрак; спокој, тишина - глас, виј; клечи - крена).


No comments:

Post a Comment